субота, 17. јул 2021.

ВО ПОТРАГА

 




Skopje, 2015 berš, 106 riga,  čhib: makedonsko

    Скопје, 2015 година, 106 страни, јазик: македонски

ISBN: 978-9989-938-53-5


ЖИВОТ ВО ВЕЧНА ТРАНЗИЦИЈА

         Јусуф Сулејман, со својот втор роман „Промени или окови“ уште еднаш ја потврдува својата тематска преокупација како автор на ромскиот и општочовечкиот егзил и азил на планетата Земја.

Романот е пишуван во неговиот типичен стил на директна комуникација помеѓу ликови од различни генерации, различен степен на образование, различни видувања за животот и можноста на ова парче земја да се оствари „... ... човечко достоинство, право на избор, право на огниште и парче леб... ...“ за најголем дел на ромската популација и сите останати народи кои во мелницата на транзиционите промени не се вклопиле економски, а останале и без институционална заштита.

          Во романот нема описи, нема нарација, се е сведено на директен говор, токму како што е директен и камшикот на сиромаштијата кој секогаш паѓа врз плеќите на најнезаштитениот дел од населението.  Правилата на преживувањето на земја се мошне сурови. Но за таа суровост Јусуф Сулејман зборува низ суптилни дијалози и теми, со јадри реплики и конкретни но и општи состојби. Самата транзиција во Македонија кон крајот на XX и почетокот на XXI ја отсликува со пластични автентични ситуации низ кои поминува најголемиот дел од ромското население, но тоа население во сите транзиции и во сите држави го носи истиот товар на невклопеност. Па така, мошне умешно низ навраќање во минатото и можните перспективи, Јусуф Сулејман ја користи древната ромска мудрост на преживување и познание. Тој не зборува за тркалото, како симбол на Ромите, не зборува за оној мал процент на асоцијални луѓе и деца кои ги гледаме по улиците и со кои останатите народи ги идентификуваат сите Роми. Преку софистицирана метода тој покажува и докажува дека ромскиот симбол, тркалото, се претворило во Сизифов камен. Токму кога една генерација ќе почне професионално и едукативно да се вклопува во пошироката заедница, транзиционите збиднувања ја исфрлаат од патот на прогресот и ја враќаат во најпримитивниот степен на егзистенција, егзистенција без можност да учествува равноправно во пазарот на трудот, а тоа значи дека сиот труд вложен во едукативниот процес бил залуден.

          Тука Јусуф Сулејман го поставува круцијалното прашање: Промените за подобар живот, кон кои се стреми секоја младост, дали ќе ги оствари како подобрување на сопствената егзистенција и егзистенцијата на генерациите кои идат или ќе се претвори во нови окови, зависности и трпежи. Која е смислата на опстојувањето на начин на живот кој човекот не го сака и каде е вистинското место на Ромите на кое тие ќе можат да го остварат своето право на граѓанство.

          Романот обилува со јадри слики од нашето секојдневие кои не се поврзани само со Ромите туку и со сите други народи кои промените не ги доживеале како бенифит на сето она што го вложиле во пошироката заедницата и во себе лично. Нивното елиминирање од можноста да ги користат придобивките на новите услови на живеење го поставува круцијалното прашање: Каде е местотот на Ромите и во која држава тие ќе бидат суверени граѓани.


Нема коментара:

Постави коментар