понедељак, 19. април 2021.

КОН РОМАНОТ „ИЗБОР ИЛИ ИЗГОР“

РОМАН ЗА РАЗБУДУВАЊЕ И РАЗДВИЖУВАЊЕ НА УМОТ

         Писателот Јусуф Сулејман во овој роман обработува политички, филозофски и социјални состојби на човекот преку најголемото малцинство на планетата Земја, Ромите. Нивното вклучување во политичкиот живот, нивните размислувања и трајните културни вредности кои се присутни кај Ромите, а за кои  многу малку се знае, бидејќи досега низ литературата не биле елаборирани автентично од самите нив, и засега останале како недопрени теми. Недопрени кога се во прашање Ромите... Романот зборува за Македонија и Ромите како време и епоха на транзиција и трансмисија на наследености и потребите за промена на историски однос кон себе и својата современост.

Политичките збиднувања во Македонија се обработени низ призмата на почетокот на 21 век, поточно Парламентарните избори во Македонија во 2006 година и како на тие збиднувања гледа и во нив се вклучува човекот Ром.

Младата генерација се определува за еден избор, средната преживува низ друг избор,  старата носи свое бреме, но сите генерации имаат свој именител, избор во политичките премрежја на земјата.

          Избор или изгор, не е само наслов на романот туку и негов лајт мотив кој во суштина се провејува низ целокупниот човечки живот, што и колку човекот може да избира и до каде оди и колку неговиот избор може да се имплементира како вредност во вкупните цивилизациски придобивки.

Како прво, романот е лесно читлив бидејќи авторот при пишување на овој роман се одлучил да користи директен говор, без описи, без нарација. Причината е едноставна. Во секојдневната комуниккација на Ромите индиректниот говор речиси и да не е застапен.

 Како второ, по својата содржина овој роман ги отсликува Парламентарните избори 2006' во Македонија и вечноста во човековиот ôд, го отсликува националното, космополитското и вселенското познание на Ромите, но и можноста на секој човек за избор, социјалниот статус на човекот во вечнен егзил и неговото право на реални можности за демократски промени.

Како трето, читателот ќе има можност да се запознае изворно како размислува човекот Ром на овие балкански простори, а не како другите народи мислат дека тој размислува.

         Како четврто, љубовта и соништата на главниот јунак на романот со интересен прекар Идеолошки кон неговата љубена Имрана како и нејзиниот избор и неговиот изгор имаат повеќекратно значение.

Која е Имрана? ... Читателот ќе мора сам да ја пронајде. Можеби е до него, неговата девојка, жена, сестра, мајка, можеби е неговиот град, неговата татковина, можеби е идеја, копнеж, стремеж, илузија. 

Нема коментара:

Постави коментар